Јанева апелира Собранието да го донесе новиот закон за јавно обвинителство

„Специјалната обвинителка Катица Јанева апелира пратениците во Собранието да го препознаат моментот и да гласаат за донесување на новиот закон за јавно обвинителство бидејќи, како што посочи, тој е важен предуслов за влез во ЕУ и НАТО.

Смета дека законот е добар, иако, според неа, никогаш закон не може да биде
идеален, но најважно е, рече, обвинителот да има доволно интегритет, авторитет и проактивност да го заживее во пракса. Тоа овој закон, според неа, го овозможува.

Обвинителката Јанева во вечерашното интервју на телевизија 1ТВ потенцира дека не е точно оти со новиот закон се губат бомбите како докази.

„Тие се слушаат во судница за предметите за кои е потврдено обинението, значи до 1 јули 2017 година. Во однос на другите предмети за кои е воспоставена надлежност врз основа на бомбите мислам дека можеби нема да бидат слушани јавно за време на судењето, но транскрипти ќе бидат доставени, а на судот е да цени, рече Јанева.

Таа вели дека бомбите и до сега не биле единствен доказ во постапките, иако судовите се изјасниле дека ќе ги признаат како докази.

„Ние покрај тоа секогаш, без разлика колку бомби имаме дали една или 1001, во предметите имаме изјави од сведоци и материјални докази и тоа од институции од Република Македонија и дел што сме ги добиле од меѓународна правна помош, рече обвинителката Јанева.

СЈО досега, како што рече, преслушало 96 отсто од бомбите, кои биле анализирани и селектирани во однос на тоа кои се приватни, а кои од јавен интерес.

„Оние што се од јавен интерес ќе помине можеби мал период до летово да ги селектираме и да отвориме предистраги на кои имаме право за некои покрупни случаи, рече Јанева.

Додаде дека во предадените разговори кои ги анализирале а се однесуваат на периодот од 2008 до 2015 година има повеќе индиции за криминални дејаствија, но, како што рече, некои се застарени по важечкиот Кривичен закон.