Јапонија: Директор на Нисан на распит заради финансиски измами

Јапонските медиуми известуваат дека Карлос Госн, претседателот на автомобилскиот гигант Нисан Мотор, е на испитување во обвинителството во Токио поради сомненија дека ги фалсификувал финансиските извештаи на компанијата.

Нисан соопшти дека се истражуваат неговите извештаи, додека од обвинителството одбија да дадат коментар, пренесува агенцијата АП.

Дневниот весник Асахи пишува дека Госн доброволно се јавил на сослушување по повод сомнежите дека биле кршени финансиските и девизните прописи.

Националната телевизија НХК и агенцијата Кјодо објавија слични информации.

Во текстот објавен во Асахи се наведува дека Госн е осомничен дека не пријавил стотици милиони јени (повеќе милиони долари) приход.

Од Нисан, со седиште во Јокохама, наведуваат дека во тек е проверка на нивните финансиски извештаи.

Госн, роден во Бразил, кого француски Рено го испратри да биде на чело на автомобилскиот сојуз со Нисан, спровел драматични реформи во јапонската компанија во последните две децении спасувајќи ја од работ на банкрот, наведува АП.