На азиските берзи денеска цените на акциите пораснаа, најповеќе во рударскиот сектор, благодарејќи на растот на цената на металите, додека курсот на еврото повторно се проби над стапката од 1,18 долари.
На Токиската берза утринава, околу 7,30 часот, Никеи индексот беше во минус од 0,1 отсто, додека цените на акциите во Шангај, Сингапур, Јужна Кореја, Австралија и Хонг Конг пораснаа меѓу 0,1 и 1,1 отсто.
Благодарение на тоа, МСЦИ индексот на азиско-пацифистичките акции, без јапонските, околу 7,30 часот беше во плус од 0,7 отсто.
Најповеќе утринава, 1,1 отсто, пораснаа цените на акциите во рударскиот сектор, а тоа го предизвика растот на цената на металите поради назнаката за зголемена побарувачка од Кина.
Цената на цинкот се движи околу највисоката стапка од октомври 2007, а на бакарот од ноември 2014 година.
„Цените на суровините, посебно на основните метали, цврсто се држат. Но, прашање е колку се работи за шпекулативно купување на суровини од страна на кинеските инвестициски фондови, а колку за јакнење на реалната побарувачка“, вели Сју Тринх, директорка на стратешкиот оддел во фирмата РБЦ Капитал Маркетс (RBC Capital Markets).
Сепак, и покрај растот на берзанските индекси се тргува внимателно поради тоа што Јужна Кореја и САД вчера почнаа заеднички воени вежби, што ја зголеми напнатоста меѓу тие две држави и Северна Кореја.
Двете сојузнички земји ги претставуваат тие маневри како одбрамбени, но во очите на Пјонг Јанг тие се провокативно вежбање на инвазија на нивните територии, па Северна Кореја тоа го нарекува чекор кон нуклеарен судир.
А, откако вчера паднаа за речиси 2 отсто, утринава цените на нафтата благо пораснаа. На лондонскиот пазар барелот поскапе за 17 центи, на 51,85 долари, додека пак на американскиот пазар цената на барелот се зголеми за 16 центи, на 47,55 долари.
На девизните пазари доларот ослабе во споредба со европската валута, па сега курсот на еврото се движи околу 1,1805 долари, додека вчера во ова време изнесуваше 1,1715 долари.
Но, во однос на јапонската валута, цената на доларот стабилно се движи на вчерашните нивоа од околу 109,20 јени.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американската во однос на останатите шест најважни светски валути, се движи околу 93,17 поени, а пак вчера во овој период од денот изнесуваше 93,44 поени.
Аналитичарите велат дека вокусот на инвеститорите се насочува кон американскиот град Џексон Холеј, каде што кон крајот на оваа недела ќе се одржи годишната конференција на Фед, на централните банки кои секогаш внимателно ги следат пазарите затоа што се можни јасни сигнали за монетарните политики во најголемите светски економии.