Волстрит денеска го почна тргувањето во плус, тргнувајќи по стапките на европските и азиските берзи кои зајакнаа после убедливата победа на партијата на францускиот претседател Емануел Макрон на парламентарните избори.
Околу 10 минути од почетокот на тргувањето, индустрискиот индекс Дау Џонс скокна за 0,4 отсто, на 21.459,33 поени, С&П 500 зајакна за 0,5 отсто, на 2.445,02 поени, а технолошкиот Насдак за 1,0 отсто, на 6.212,88 поени.
Индексот Насдак, информира „Блумберг“, оствари најголем раст од ноември лани, затоа што акциите на технолошките компании заздравеа од двонеделниот пад.
Акциите на американскиот производител на авиони Боинг, исто така, пораснаа откако од таа компанија изјавија дека примиле повеќе од 100 порачки во вредност од 13,5 милијарди долари.
Во Европа, лондонскиот индекс ФТСЕ 100 вчера во попладневните часови зајакна за 0,6 отсто, на 7.507,09 поени, франкфуртскиот ДАХ 30 за 1,1 отсто, на 12.888,19 поени, а парискиот КАК 40 за 1,0 отсто, на 5,314,86.
Еврото, од петокот до вчера, падна на 1,1179 долари, фунтата на 1,2764 долари од 1,2777 долари, додека пак доларот скокна на 111,30 јени од 110,89 јени колку што беше пред тоа.
Во Азија токискиот индекс Никеи зајакна за 0,6 отсто, хонгкошкиот Ханг Сенг за 1,2 отсто, а шангајскиот за 0,7 отсто.