Источно од градот Охрид, врз падини на планината Галичица и на над 1.000 метри надморска височина, распослано е селото Велестово.
Неговата местоположба измамува величествен поглед кон езерото, градот и западните планини, а бајковитите зајдисонца и вечерното ѕвездено небо, посебно во летните
ноќи, разбудуваат лирски трепети и отвораат митски простори на задоволство и наслада.
Неговото постоење е закоренето во преданијата и легендите останати во меморијата на жителите, но и во некои постари записи.
Името се врзува за паганската традиција на старословенскиот бог Велес, заштитник на
сточарите, со што се определува и вековното занимање и опстојување на жителите на селото.
Првите пишувани податоци датираат од почетокот на 13. век, кога „жител од охридскиот крај Иван Иеракар се претставува по род Македонец“. Иван Иеракар „потекнува од с. Власто, сегашно Велесто, охридско.“
(Иванъ СнѢгаровъ, История на Охридската архиепископия, том I, стр. 250, София 1932 г.).
Исто, според Снегаров, од овој период се спомнуваат и имињата на велестовските жители: Братан, Радов, Грида Дринка, Дровослав, Саракин и Волкан.
Тоа е времето на охридскиот архиепископ Димитрија Хоматијан (1216-1235).
Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ како културен-историски споменик, која во својата еднокорабна градба до денес го чува живописот изведен од патувачки зографи, под малтерот на северниот и западниот ѕид чувала значајни написи на старословенски јазик, кои фрлаат мала светлина врз раздиплувањето на темните временски пластови од историјата на селото.
Тие датираат од средината на 15. век и денес можат да се видат и да се прочитаат.
Најстариот статистички податок за бројот на жителите на село Велестово се среќава во „Опширниот пописен тефтер на Охридскиот санџак“ од 1583 година и според него, во наведената година селото броело 113 семејства, сите христијани.
Вакви и слични статистички податоци се наоѓаат и во други османлиски тефтери во кои е претставено движењето на бројот на населението низ подолг временски период, а во 1900 година Васил К’нчев објавил статистика за годините од 1884 до 1889 и во тој период селото имало 560 жители.
Пописните листи на Кралството на Србите, Хрватите и Словенците (СХС) од 1921 година наведуваат 72 домаќинства со 643 жители на Велестово.
Според пописите по Втората светска војна, се забележува перманентен раст на бројот на домаќинствата и на жителите, најголем во 1981 година со 289 домаќинства и 1.239 жители, за во последните децении на минатиот век миграцијата да си го направи своето – жителите се преселуваат во месноста Рача, но и таа е во опфатот на катастарската општина Велестово.
Како културно-историски обележја можат да се сметаат археолошките локалитети Селиште, Кромидишта, базиликата Студенчишта и селската чешма, на која во камен се изрежани имињата на мајсторите и 1892, годината кога таа била направена, .
Вкупната површина што го зафаќа атарот Велестово изнесува над 2976,4 хектари и е најголем во однос на другите села распределени на планината Галичица.
Велестово денес е препознатливо како атрактивна туристичка дестинација за активен туризам и по манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, која поетскиот збор го врати на праизвориштето, таму од каде што никнал, од длабочините на милениумите, од живата природа и од радоста што ја нуди таа.
Поетска ноќ во Велестово
Годинава е 31 издание на манифестацијата Поетска ноќ во Велестово, по Струшките вечери на поезијата, најстарата поетска манифестација во земјава.
Таа е оригинална по својата концепција, бидејќи се претставува еден поет и еден сликар во амбиент надвор од сите академски простории.
Низ годините Манифестацијата неколку пати се нашла во ситуација да стравува за својот опстанок.
Еден од овие случаи беше токму минатата година кога го имаше триесетгодишниот јубилеј, а не влезе во годишната програма на Министерството за култура.
Но, со помош на Општина Охрид, Комерцијална банка и многубројните пријатели беше направен достоинствен јубилеј, иако во јубилејната година за првпат по 10 години
беше откажана интернационалната програма.
Донеодамнешниот министер за култура Асаф Адеми повторно ја врати Манифестацијата во својот колосек и годинава повторно полека таа се враќаме во
меѓународни рамки.
Манифестацијата претставува своевидна антологија на македонската поезија и сликарство.
На неа во овие три децении беа претставени најзначајните македонски поети и сликари, меѓу кои и Јован Котески, Гане Тодоровски, Матеја Матевски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Михаил Ренџов, Богомил Ѓузел, Никола Маџиров, Веле Смилевски, Ристо Василевски, Катица Ќулавкова, Ѓоко Здравевски, Николина Андова Шопова, Владимир Мартиновски и други, а од сликарите би ги издвоиле Вангел Наумовски, Родољуб Анастасов, Глигор Чемерски, Владимир Георгиевски, Боро Митриќески, Коле Манев, Сергеј Андреевски, Славко Упевче, Јордан Манасиевски, Стефан Хаџи-Николов, Никола Упевче, Емил Шулајкоски и Александар Становски.
На манифестацијата свој простор добија и други профили од светот на уметноста, како актерите Славко Нинов, Петар Темелковски, Томе Витанов, студентска група од класата на Владо Цветаноски, Варица Недевска, независните театри како „Скрб и Утеха“ и НАТГ Аматер – Охрид.
Музичарите: Владимир Четкар, Климент Тодоровски, Зоран Маџиров, Горан Папаз „Старовски“, UNDONE и др.
За јубилејот лани беше издадена и соодветна Монографија во која е поместен антологиски избор од досегашните преставени автори, а изборот и пригодниот текст го направи Санде Стојчевски.
Бидејќи манифестацијата има и меѓународен карактер претставен е избор на
досегашните странски поети од Ирска, Норвешка, Русија, Италија, Албанија, Словенија, Србија, Црна Гора, Бугарија, Естонија, Словачка…
Две јубилејни изданија беа посвети на поновата македонска поезија (на 25. и 30. издание) и по тој повод е објавена книгата „Гласови на новиот век / панорама на поновата македонска поезија“.