„Катица Јанева донесе уште една срамна и безобразна одлука за да го спаси нејзиниот штитеник, Зоран Заев.
Вообичаено, Јанева срамните одлуки ги носи пред празник, надевајќи се дека празниците ќе го покријат нејзиното партиско и политичко постапување. Истото го направи и во декември 2014-та година, кога го ослободи од притвор Зоран Верушевски. Истото го направи и денеска, ден пред православниот празник Водици. Специјалното јавно обвинителство е партиски огранок на СДСМ и Сорос“, реагираше на прес конференција Трајко Вељаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Јанева не е обвинител кој работи независно и согласно закон, туку по наредбите на Зоран Заев и нарачателите од странство. Ова се факти кои досега им беа познати на сите. Од денеска Катица Јанева влегува во нова улога. Таа и СЈО почнуваат да го бранат и прикриваат криминалот. Со денешната одлука да го повлече обвинението за предметот „Пуч“ Јанева застана зад обвинетите Заев и Верушевски кои се обидоа да ја заобиколат волјата на народот и без избори, со уцени со незаконски стекнати и монтирани материјали, да се дограбат до власт“, наведе во своето обраќање Вељановски.
Според Вељановски, Катица Јанева го игнорирала и признанието на еден од обвинетите кој го опиша злосторничкото здружение на Верушевски и Заев и веќе ја издржува затворската казна. Таа, наводно, ја игнорирала и скајп комуникацијата меѓу обвинетите во која што најавувало крв по улиците и украинско сценарио.
„Со денешната одлука се потврди дека основната задача на СЈО не е расчистување на скандалот со незаконското прислушување туку вклучување во политичката битка. Со денешната одлука СЈО целосно се делегитимираше и самото се откажа од основната функција за која што е формирано. Веќе немаме никакви дилеми дека СЈО е партиски огранок на СДСМ и дека не постои никаква натамошна причина за негово постоење во правниот систем“, рече Вељановски.