Професорот д-р Никола Бошале ја доби наградата за животно дело Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид, а со повелбата „Свети Климент Охридски“ беа одликувани и проф. д-р Ангела Крстаноска Василевска и регионалното „Супер Радио“.
На свеченоста со која се заокружија годинашните чествувања на празникот, во присуство на советници, пратеници, делегации од збратимените градови од повеќе држави и граѓани, поздравно обраќање имаше градоначалникот, Јован Стојаноски.
„Во многувековното битисување на Охрид низ неговите цивилизациски пластови свој белег оставиле неимари и војсководци, цареви и освојувачи, владетели и духовни водачи, кои со своите дела ја моделирале вечноста на овој град. Грандиозното и божествено дело на Св. Климент Охридски со својата просветителска, хуманистичка и посебно духовна вредност ги надминува сите негови претходници и сите негови наследници и е најцврст темел за нашата посебност во севкупната човечка цивилизација“ истакна во своето обраќање охридскиот градоначалник.
Во името на наградените зборуваше добитникот на највисокото општинско признание д-р Никола Бошале, кој е автор на дваесеттина научни дела за вредното културно наследство на Охрид и еден од најголемите хроничари на животот во градот
„Му благодарам на градот во кој минав долг период во истражувања како на животот така и на делата на Св. Климент Охридски, како и на граѓаните на Охрид и сите кои ми помогнаа да издржам низ децениите и да го посветам севкупното мое творештво за оваа цел, за да се оддолжам на мојот роден град“, истакна професорот Бошале.
Настанот беше збогатен и со културно-уметничка програма во рамки на која настапи познатиот македонски хор „Злата Мегленска“.