– Општина Валандово почна со реализацијата на едно од барањата на жителите од селото Удово кои посакаа да добијат нов плоштад со хортикултурно уредена зелена површина.
За таа цел, соопштија денеска од Општината, во Удово почнаа градежните активности на проектот кој опфаќа изградба на амфитеатар, фонтана, летниковец, пешачки патеки, инсталирање на канделабри за осветлување на просторот, поставување канти за отпадоци и уредување на тротоари.
Меѓу другото, проектот предвидува и адаптација на селскиот „бункер“ во објект за комерцијална употреба.
– Со реализацијата на овој проект, во Удово ќе оформиме нов урбан простор во централниот дел на селото и ќе создадеме услови за активности на заедницата од културен и рекреативен карактер со што ќе дадеме значителен придонес во процесот на создавање целосно нов лик на населеното место, посочија од Општина Валандово.