Наградата за најдобар актер за 2017 година во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот синоќа свечено му беше врачена на актерот Фаик Мефаиловски. За најдобра актерка беше прогласена Кети Борисова, а за најдобар сценски работник Спасе Петрушев – реквизитер.
Вака одлучи Управата на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот”, со образложение дека наградените дале особен придонес за квалитетот на театарските продукции од Програмата за 2017 година и претставите од репертоарот на театарот.
Наградите кои ги примија наградените се состојат од статуетка, плакета и паричен средства.
Актерот Фаик Мефаиловски годинава играл во неколку претстави од кои особено се издвојува ликот во претставата „Синиот портокал“. Мефаиловски примајќи ја наградата истакна оти оваа улога придонела тој созрее како актер. Тој е актер од најмладата генерација актери на велешкиот театар. Годинава на сцена играл 67 пати во претстави од редовниот репортоар на театарот.
Актерката Кети Борисова особено се истакнала во претставата „Ана Комнена“ во која совршено ја одиграла улогата на главната хероина Ана Комнена. Борисова годинава на сцената на велешкиот театар во неколку претстави од репертоарот настапила 48 пати.
Спасе Петрушев ја прими наградата за најдобар сценски работник за 2017 година.Тој како реквизитер во велешкиот театар работи 25 години.