Претседателот на Собранието, Талат Џафери, по изгласувањето на Законот, му порача на претседателот Иванов дека сега е должен да потпише.
„Претседателот на Република Македонија е должен да го потпише указот доколку собранието го донесе законот со мнозинство од 61 пратеници во трето читање“, рече Џафери.
Пред гласањето на пратениците им се обрати министерот за надворешни работи Никола Димитров кој исто така порача дека претседателот Ѓорге Иванов, е должен овој пат да го потпише указот, сакал тој или не. Тој рече дека претседателот е одговорен за кршење на Уставот и законите во вршење на своите права и обврски. Аргументите на Иванов, како што рече, да не го потпише указот првиот пат, не се точни и говореше за точките од образложението на претседателот.
„Најсодржинска е првата точка каде што се вели дека не може да се прифатат идеи и предлози кои би го загрозиле македонскиот национален идентитет. Ве уверувам, ниту јас ниту кој било член на Владата, ниту претседателот на Владата не прифаќаме такви идеи.
„Како што потенциравме во многу наврати, конечната спогодба не само што не го загрозува македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација и јазик, туку ги реафирмира и зацврстува како никогаш досега. Во пракса спогодбата ќе донесе етаблирање токму на нашиот идентитет и ќе ја надмине нашата ситуација на вечна борба со оспорено именување.
Во точка два се цитира Уставот. Должни сме да бидеме искрени. Како што не може идентитетот да се брани компромитирајќи го со процесот на антиквизација, така не може уставот да се брани, кршејќи го. Уставот децидно вели дека претседателот своите права и должности ги врши согласно своите права и должности согласно уставот“, изјави Димитров.
Недвомислена е уставната одредба која му наложува на претседателот да го потпише указот откако Собранието ќе го изгласа во трето читање. На аргументот од Иванов дека вакви договори потпишува само претседателот, Димитров посочи дека тоа не е така, и дека од 897 меѓународни договори до сега склучени меѓу Македонија и други земји, само 5 договори ги склучил претседателот на Републиката.
Аргументот, пак, дека договорот ја потчинува Македонија кон Грција, рече, е на линија на ширење страв кога „ни треба храброст, одговорност и ум“.
„Што од спогодбата ја загрозува нашата независност? Спогодбата отвора врати за зачленување во НАТО и почеток на нашиот пат кон ЕУ. Ја потврдува и заокружува нашата независност и државност. Време е да се најдеме на страна на интересите на татковината. Сите заедно да бидеме сплотени на државните и татковинските интереси. Не може Европскиот совет да најде за сходно еден цел реферат да посвети на нас, а ние да бидеме против тој процес“, изјави Димитров.
Пратеникот од листата на СДСМ, Ферид Мухиќ, кој се декларира како независен, го критикуваше Договорот со Грција и беше воздржан на гласањето.
„Поради тоа што имам чест да бидам дел од оваа коалиција, нема да гласам против Законот за ратификација на договорот со Грција, но мојата совест ме обврзува да бидам воздржан“, рече Мухиќ, според кого, Договорот е неправеден и спротивен на меѓународното право.