Законот за покренување на процедурата за излегување на Велика Британија од ЕУ од денес е пред Домот на лордовите, горниот дом на британскиот парламент, што би можело да го „измести“ планираниот календар на премиерката Тереза Меј која најави дека процедурата ќе ја почне во март.
Не се очекува дека Домот на лордовите, чии членови не се избираат на непосредни избори, ќе го собори текстот на законот за Брегзит, но би можел да вложи амандмани, што би значело дека текстот ќе се врати во Долниот дом за потврда и дека роковите на британската премиерка се тесни.
Таа не сметаше на тоа дека парламентот ќе мора да се изјаснува за Брегзит, но тој чекот мораше да го прифати после одлуката на судот кој одлучуваше по барањето на граѓаните и организациите чиј став беше дека одлуката за излегување мора да биде потврдена во парламентот, кој одлучувал и за влез во Унијата.
Од таа одлука на Врховниот суд Тереза Меј води трка со времето за да ја покрене процедурата за истапување до крајот на март.
Оваа препрека беше надмината на 9 ноември минатата година кога Долниот дом на парламентот даде зелено светло за Брегзит, со 494 пратеници „ЗА“ и 122 „ПРОТИВ“.
Сега е на ред Горниот дом, каде што конзервативците се во помал број, а расправа се очекува денес и утре, па два дена следната седмица, за да гласањето во третото читање биде на 7 март.
За владата најдобро би било Домот на лордовите да го потврди законот за Брегзит во сегашниот облик, без амандмани, за да не постои обврска тој да се враќа пред Долниот дом на парламентот.
Тоа би и овозможило на Тереза Меј да се повика на член 50 од основачкиот договор на Европската унија веднаш после тоа, можеби дури и во текот на заседавањето на Европскиот совет закажан за 9 и 10 март во Брисел.
Министерката за правда Лиз Трас вчера повторно го повика Домот на лордовите да ја „признае волјата“ на британскиот народ, кој на референдум на 23 јуни 2016 година со 52 отсто од гласовите одлучи Британија да излезе од Унијата.
Иако не е веројатно дека Домот на лордовите ќе го оспори самиот закон, не е извесно ниту тоа дали се ќе може да се одвива според замислениот календар на Тереза Меј затоа што лордовите веројатно ќе сакаат да се слушне и нивниот глас, и дека на текстот ќе поднесат амандмани.
„На крајот на краевите, Долниот дом треба да пресече со оглед на тоа дека во него претставниците се бираат на избори. Но се надевам дека Лордовите нема така брзо да се откажат“, изјави вчера за Би-Би-Си поранешниот лабуристички министер, поборникот за ЕИ, лордот Питер Менделсон.
Изгледа дека и владата веќе го пресмета идното забавување на процесот, па министерот за Брегзит, Дејвид Дејвис, при посетата на Стокхолм во вторникот минатата недела оцени дека не е реално процедурата за истапување да се покрене во текот на самитот на ЕУ во почетокот на март, и потсети на иницијалната цел тоа да биде до крајот на март.
Во Домот на лордовите, каде што конзервативците имаат 252 од вкупно 805 претставници, лабуристите и либерално-демократската партија сметаат и на поддршката од ториевците за да ги истуркаат своите амандмани.
Со нивната интервенција на „маса“ ќе се врати темата за судбината на три милиони европски граѓани кои живеат во Велика Британија.
Тереза Меј одбива да им гарантира дека ќе ги задржат правата кои сега ги имаат, се додека не добијат слични гаранции за Британците кои живеат во ЕУ.
Вториот амандман ќе содржи барање да се гарантира дека парламентот навистина ќе може да влијае на конечната спогодба за Брегзит.
Лордовите, кои ги именува кралицата со доживотен мандат, знаат дека будно се следи секој нивни потег.
Извори блиски на владата неодамна потсетија дека јавноста се прашува каков легитимитет има овој собраниски дом чии претставници не се избрани на избори, и чија просечна старост е близу 70 години.
Владата имаше план да го реформира Горниот дом кога се побуни и спречи буџетски намалувања кои се неповолни за најскромните домаќинства, но од тоа се откажа во ноември 2016 година.
„На Лордовите би им било подобро кога ќе расправаат за предлогот на законот за член 50 да размислуваат за сопствената иднина“, рече некогашниот министер, конзервативец и приврзаник за излез од ЕУ, Доминик Рааб.