Самитот по повод 60-годишнината од потпишувањето на Римската спогодба треба да биде повеќе од прослава на мирот и единството. На него е формулирана „мапата на патот“ после Брегзит, која треба да ја потврди вербата во ЕУ.
Што значи таканаречената Европа во „повеќе брзини“?
Според новиот, послободен, концепт, членките на Европската унија ќе можат да соработуваат во различни инцијативи, ако тоа го сакаат, додека, во исто време, на оние кои тоа не го сакаат, ќе им биде овозможено да отстапат. Во теоријата, тоа значи дека ниедна земја нема да биде присилена да потпише каква било спогодба, ако процени дека таа е практично или идеолошки неодржлива, пишува Дојче веле.
Поимот Европа „во повеќе брзини“ во никој случај не е нов: единствената валута и Шенгенската спогодба се дел од таков пристап. Меѓутоа, таа идеја доби замав поради неодамнешниот застој во политиката на Брисел за прашањето за одбрана и миграција.
На февруарскиот самит во Валета, германската канцеларка Ангела меркел беше меѓу првите лидери кои укажаа на можноста за Европската унија во „повеќе брзини“ за подоцна таа идеја да ја поддржат и другите држави основачи на блокот, кои даваат предност на забрзаната интеграција на одделни земји во однос на општиот застој.
Меѓутоа, ваквите изгледи предизвикаа стравување кај одделни земји од источна и централна Европа дека тоа може да ги поткопа институциите на ЕУ и да наметне доминација на поголемите членки.
Јарослав Качински, претседателот на полската владеачка Партија на законот и правдата, го критикуваше таквиот потег, предупредувајќи дека може да доведе до распаѓање на унијата.
Медиумите шпекулираат дека Полска може да вложи вето на предлогот.
„Качински наведува дека во Европа владее хегемонија на Германија и дека Меркел инсистира на одлуки кои се добри само за Германија и за никој друг“, изјави за Дојче веле Јакуб Вишњевски, потпретседател на невладината организација ГЛОБСЕЦ и поранешен амбасадот на Полска во ОБСЕ.
„Гледано низ таа призма, секоја идна интеграција ќе го зајакнува тој тренд … кога другите држави кои се на периферија на Европа ќе бидат обесправени и лишени од правата како што е протокот на пари од брисел низ структурните фондови.
Кој паѓа во втор план?
Во меѓувреме, најновите членки на ЕУ – Бугарија, Романија и Хрватска, изразија загриженост дека ќе бидат поткопани институциите на Унијата преку кои можат да вршат влијание на континентот. Сите три држави вложија огромни напори во транзиција во демократијата. Меѓутоа, ако западноевропските економии го одберат својот план за интеграција, на тие држави им се заканува опасност да имаат секундарна улога во донесувањето на политичките одлуки.
Се смета дека секој протест на членките од централна и источна Европа против концептот на две брзини би бил поразителен за регионот.
Прво, поголемата флексибилност само ќе наметне попрактичен пристап во ЕУ интеграцијата.
„Земјите како Австрија и Полска веќе имаат прагматичен пристап кон ЕУ“, се наведува од европскиот Совет за надворешна политика. Тие, велат од таму, ги прифаќаат деловите што ним им одговараат и ги занемаруваат тие што не им одговараат. Флексибилната соработка, дури и ако ја слабее структурата на ЕУ, сметаат од Советот, за нив не би била лоша.
Второ, иако пристапот „со повеќе брзини“ ќе наметне нов облик на соработка, тие веројатно ќе бидат воспоставени внатре во актуелната спогодба на Унијата, а не со основање на нови структури.