Еврото денеска на меѓународните пазари на кратко ја забележа новата највисока стапка во две ипол години кон доларот, затоа што инвеститорите, главно оние кои сметаат на јакнењето на европската валута, проценија дека загриженоста во Европската централна банка (ЕЦБ) во поглед на нејзиното јакнење во најдобар случај се млаки.
Со еврото во такви околности утринава се тргуваше по 1,2062 долари, откако во тргувањето пред тоа тоа достигна 1,2092 долари, нова највисока стапка од јануари 2015 година.
Од почетокот на годинава еврото зајакна речиси 15 отсто спрема доларот и е најголем добитник меѓу валутите од 10-те најголеми светски стопанства од групата Г-10.
Индексот на доларот кој ја мери вредноста на американската спрема другите шест најважни светски валути утринава ослабе за 0,5 отсто, на 91,191 поени, и е на пат на најголема неделна загуба во последните речиси три ипол месеци. На почетокот на берзанскиот ден накратко се спушти на најниска стапка од јануари 2015 година, на 91,011 поени. Американската валута притоа се спушти под клучното ниво од 108 јени и со неа се тргуваше по 107,71 јени, што значи дека ослабе за речиси 0,7 отсто во споредба со претходното затварање.
Фунтата чинеше 1,3143 долари, зајакнувајќи 0,34 отсто спрема доларот во однос на затварањето на вчерашното тргување.
Претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ), Марио Драги на вчерашната конференција за медиумите, одржана после седницата на Управниот совет на банката на која се задржани постоечките монетарни поттикнувања, во повеќе наврати се осврна на јакнење на еврото, напоменувајќи дека тоа е главна причина за снижување на проценките за движење на инфлацијата во 2018 и 2019 година. Исто така, најави дека и најмалото намалување на програмата за монетарните поттикнувања во еврозоната веројатно бавно ќе се спроведува.
„Сега апсолутно се е на страната на еврото и мислиме дека и во следните месеци можеме да очекуваме продолжение на јакнењето на заздравувањето на курсот на еврото кон доларот“, изјави Кристин Тиксен, девизен аналитичар во Данске банка.
Пазарите, вообичаено, внимателно ги следеа и пораките од Американската централна банка Фед.
Вчера претседателот на огранокот на Фед во Њујорк, Вилијам Дејдли, изјави дека Американската централна банка треба да продолжи постепено да го крева каматните стапки, ако ниската инфлација почне да зајакнува.
Шансите, клучните каматни стапки во САД да бидат подигнати до крајот на годината, сега изнесуваат само 20 отсто, додека пред две недели тие изнесуваа околу 33 отсто. Во такви околности паднаа приносите на американските државни обврзници, предизвикувајќи притисоци на слабеење на доларот.