Овластен градежен инспектор на Општина Центар, по налог на градоначалникот Андреј Жерновски, издаде решение за стопирање на сите градежни активности за изградба на сервисна улица на кејот, соопштија денеска од Општината. На градилиштето, немало информативна табла кој е инвеститор, изведувач и надзор, нема податоци за одобрена техничка документација и одобрение за подготвителни работи.
„Целата оваа документација е неопходно да се поседува и да биде јавно истакната на градилиштето. На ова градилиште недостига и елаборат за околчување на теренот од овластена геодетска фирма, лиценци за инженер за изведба, надзорен инженер и елаборат за заштита при работа. Затоа, овластениот градежен инспектор на Општина Центар ја издаде наредбата за стопирање на градежните активности на кејот на Вардар“, се вели во соопштението на Општина Центар.
Градоначалникот на Општина Центар Андреј Жерновски, претходно од првиот човек на Град Скопје Коце Трајановски побара да ја повлече, како што вели, незаконската одлука за изградба на улица на кејот на Вардар.
„Во посточекиот ДУП за Мал Ринг, никаде нема предвидено таква улица, туку подземна сервисна улица, како што и јасно се гледа на планот. Град Скопје, под чија ингеренција е кејот, донесе незаконска одлука да го узурпира шеталиштето… Доколку е потребна сервисна улица за зградата на Телеком, таа мора да биде направена под земја“, се наведува во соопштението од Општина Центар.