Во Кривичниот суд денеска продолжи судењето за изборни нерегуларности на локалните избори во 2013 година „Титаник 2“.
На рочиштето завршни зборови дава обвинителката Фатиме Фетаи од Специјалното јавно обвинителство, при што бараше осудителна пресуда за обвинетите. Таа во завршниот збор истакна и дека ДИК била првата брана, која од ВМРО-ДПМНЕ ја срушиле со два телефонски повици, а втората брана, Управниот суд, не морале да ја рушат, бидејќи судиите самите знаеле како да постапуваат. Тука се повика и на тефтерчето на екс министерката Гордана Јанкулоска, за избор на судии, создадено со помош на Мијалков.
Во „Титаник 2“ обвинети се лидерот на ДПА, Мендух Тачи, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, како и поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.