Во Уметничката галерија во Тетово вечер во 20 часот ќе биде отворена изложба на монотипии од Илиана Петрушевска од Скопје, на која до 13 септември ќе бидат претставени 50 дела на авторката.
Станува збор за техника на графика со рачно изработена хартија, печатени во боја.
Посебен ефект во изведбата е добиен преку пластичните структури и летристичките интервенции (цитати и издвојување на букви), што всушност се колажни решенија, кои не се само формални елементи, туку алудираат како инсерти на она што таа сака да го поттикне – повеќеслојноста на идејниот концепт, велат од Уметничка галерија Тетово.
Илиана Петрушевска (1973) дипломирала на Факултетот за ликовни уметноста во Скопје.
Работи како графички дизајнер.
Досега имала четири самостојни изложби и учество на десетици групни изложби и ликовни колонии.