Раководството на Кина поради растот на напнатоста на Корејскиот полуостров распореди дополнителни сто илјади војници на границата. Паралелно, нивото на готовност на вооружените сили на Кина е зголемено, пишува јапонскиот весник „Јомиури“ повикувајќи се на кинески извори.
Вакви зголемени мерки на безбедност, според овие податоци, воведени се во средината на април.
Атомската подморница „Мичиген“ од типот „Охајо“ вооружена со ракети „томахавк“ вплови во јужнокорејското пристаниште Пусан, јави Би-Би-Си њуз.
Соединетите Американски Држави во последно време повеќе пати изјавуваа дека не исклучуваат ниедно сценарио кон Северна Кореја која со забрзано темпо работи на развој на ракетно-нуклеарна програма. Меѓу останатото, Пјонгјанг минатата година изврши две нуклеарни тестирања и повеќе од 20 лансирања на балистички ракети од различен вид.
Сега, според податоците добиени од набљудувањето од вселената, се е подготвено за шестото нуклеарно тестирање на полигон на североистокот на Северна Кореја.
Кон Корејскиот полуостров во овој момент се движи и ударната група на Воената морнарица на САД на чело со носачот на авиони „Карл Винсон“.
Паралелно, таа изведува воени вежби со јапонските ракетни разурнувачи „Асагар“ и „Самидара“.
Се претпоставува дека ударната група ќе помине низ Корејскиот мореуз покрај островот Цушима и ќе премине во Јапонско море. Во неговите води, како што пишува весникот „Јомиури“, ќе се изведат нови воени вежби на оваа единица и Воената морнарица на Јапонија.
Планирани се воени вежби и со Воената морнарица на Јужна Кореја.