Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром попладнево ги очекува вториот натпревар од баражот за влез во АБА лигата против Задар.
Тренерот Ѓорѓи Кочов побара од своите избраници да заборават првиот дуел на кој „аеродромци“ триумфираа.
„Ова е исклучително важен натпревар како за нашиот клуб така и за целокупната македонска кошарка. Свесни сме дека Задар е силна и искусна екипа, која без разлика на сѐ мора и тоа како да се респектира. Првиот меч мора да го заборавиме и не смееме да размислуваме премногу што ни носи триумфот на овој дуел, туку мора да се фокусираме да одиграме со уште поголема енергија и ангажираност. Противникот
сезонава игра подобро на гости, факт кој никако не смееме да го занемариме. Се надевам дека со помош од домашната публика, моите играчи ќе одиграат и над моментните можност за да може на крајот сите заеднички да славиме“, изјави Кочов за клупскиот сајт.
Досегашниот биланс на меѓусебните мечеви е 7:6 за хрватскиот тим, па со евентуална победа, МЗТ ќе изедначи, а што е поважно ќе избори учество во АБА лигата следната сезона.
Натпреварот МЗТ Скопје Аеродром – Задар ќе почне во 18 часот во СЦ
„Јане Сандански“.