Корумпирани судии, корумпирани секретаријати за урбанизам, корумпиран катастар, корумпирано здравство…
Но, има ли нешто полошо во општестото од корумпиран судија?
Одбраната од корумпиран полицаец, лекар, политичар или државен службеник е, или треба да е, судот. Ама која е одбраната, пак, од корумпиран суд?
Европа рецесијата ја помина за неколку месеци, а ние реално сме на средина на „транзицијата“… и за тоа, за се што ни се случи до сега во овие „транзициски“ 27 години дефинитивно виновни се само и само судиите.
Со години имаме правна несигурност.
Судиите се креатори на транзициските богаташи, на криминалот и криминалците воопшто. Судиите и никој друг…
Пресудуваат за пари, донесуваат незаконски одлуки, развлекуваат постапки, не постапуваат дури и кога се работи за едноставно правно прашање, или прифаќаат неприфатливи жалби или соборуваат исправни одлуки, а принципите се како по правило секогаш би рекол налудничави. Донесуваат две дијаметрално спротивни одлуки по исто правно прашање.
Им отворија простор на некои други корумпирани да го остварат она што го наумиле…
Тие неправото го прават право…
Тие не доведоа до состојбата во која што сме и од која не можеме глава да кренеме.
Донесуваат одлуки од кои стомакот ни се превртува. Оние, пак, „повисоките“ преиначуваат пресуди со смешни образложенија.
Општествениот имот станува приватен, а непостоечките долгови стануваат судски утврдени, и така директно на крадците им доделуваат пари или имот. Слепо им служат на партиите и функционерите, а не на граѓаните и државата.
Не се има случено во Македонија надлежна институција да му го провери потеклото на имотот на некој судија. Јас не се сеќавам… А, вие?
Ништо ново, се чини, ако на анкетите 80 или 90 отсто од граѓаните се изјаснуваат дека имаме корумпирано, нефункционално, нестручно и недостојно судство.
Нема да толкувам ниту една пресуда оти немам надлежност, ама можам и морам да констатирам дека одлуката судија којшто се споменува во бомбите да суди предмет којшто произлегува од бомбите, е далеку од здрав разум.
Има ли нешто поважно од независно, стручно и достоинствено судство?
Дури и искривените и лоши закони кога доследно ќе се применат, не се толку голем проблем за општеството, како што се пресудите по порачка.
Треба да се заштитат обичните луѓе и општеството од незаконските судски одлуки и корумпирани судии, а тоа може да се направи единствено ако се одберат најдобрите правници меѓу правниците.
И со тоа доаѓаме до клучното прашање за реформите во судството. Не ни треба избор на судии по нечии листи или без образложувања.
Во Германија при една случајна средба со истакнат универзитетски професор чиј татко бил угледен политичар во Бундестагот прашав зошто тој не се занимава со политика кога за тоа, нели, има „отворен пат“. Ми рече: „Тоа не е етички. Нема закон што тоа децидно го забранува, ама свеста не дозволува.“ а, кога ме праша како е кај нас, ме остави без текст. Не знаев што да му речам за релациите во судовите – татко судија синот адвокат, или мајка судијка ќерката адвокат, или сопругата едно, а сопругот друго, или сестрата судијка, а братот има адвокатска канцеларија пред чија врата секој ден има редица страдалници….
Претставниците на власта треба да сфатат дека мора да го одбранат општеството од неправдите. „Грешките“ од минатото не смеат да се повторуваат.
Каква порака им испраќаме на помладите генерации за кои, судејќи според се, само декларативно се бориме да ги задржиме во Македонија.
Лекарите не ја чистат струката од нестручни и корумпирани лекари. Адвокатите не ја чистат својата струка од нестручните и корумпирани адвокаи. А, пак, судиите уште помалку го прават тоа.
Тешко е веројатно против колега, но ако сакаме иднина некој мора и тоа. Постапки против оние кои не се ажурни, кои погрешно пресудуваат, кои не го знаат правото или очигледно се корумпирани, мора да има.
Никаде нема позитивна селекција. И што е многу страшно никој и не ја бара. Ниту министерствата ја бараат. Моментно, како резултат имаме обратна состојба: негативна селекција.
Или, можеби, најстариот занает сепак се исплати, м?