Долниот дом на британскиот Парламент со убедливо мнозинство го отфрли вчера доцна вечерта владиниот предлог за излегување од Европската унија.
Против предлогот на спогодбата за Брегзит гласаа 432 пратеници, а за беа само 202.
Пратениците од групата која е за ЕУ како и оние кои се за Брегзит ги отфрлија моилбите на премиерката Тереза Меј да ја поддржат спогодбата која нејзината влада ја постигна со ЕУ во ноември минатата година и така да ја реализираат одлуката на граѓаните на референдумот одржан во јуни 2016 година да ја напуштат Унијата.
Овој пораз го направи водството на Тереза Меј несигурно.
Како што пренесува Би-Би-Си ова е најголемиот пораз на која била британска влада во поновата историја.
Водачот на опозициските Лабуристи, Џереми Корбин, побара гласање за доверба на владата, а Меј рече дека таква расправа ќе може да се води утре.
Корбин истакна дека гласањето за доверба на владата ќе му дозволи на Парламентот да „даде своја пресуда за чистата неспособност на владата“.
Ако спогодбата за Брегзит не се ратификува во британскиот парламент, Велика Британија ја чека неорганизиран излез од Унијата на 29 март годинава, со потенцијално бурни економски и социјални последици.
Британската премиерка во говорот порача, откако пратениците со големо мнозинство го отфрлија планот за Брегзит, дека владата го слушна мислењето на парламентоит, но дека е многу важно двете страни да ја слушнат волјата на народот.
„Секој ден кој поминува без решение на овој проблем значи повеќе несигурност, повеќе горчина и повеќе омраза“, посочи Меј.
Таа рече дека прво ќе ја сочека потврдата дали владата ја ужива довербата на парламентот, затоа што очекува дека денес ќе се случи гласање за тоа.
„Јасно е дека парламентот не го поддржува овој договор. Гласањево не ни кажува што поддржува. Не ни кажува како или дали воопшто има намера да ја испочитува одлуката која британскиот народ ја донесе на референдум, за кој што парламентот одлучи да се одржи“, рече Меј.
Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск и претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер побараа од Велика Британија да се изјасни за своите намери, откако договорот за Брегзит вчеравечер доживеа неуспех во британскиот парламент.
„Ако договорот е невозможен и никој не сака излегување без договор, кој конечно ќе има храброст да каже кое е тоа единствено позитивно решение“, напиша Туск на Твитер.
Јункер порача дека „со жалење“ ја примил веста за резултатот од гласањето во Британија и побара официјален Лондон што побрзо да се изјасни за своите намери, затоа што „времето веќче истекло“.
„Ризикот од хаотично излегување на Велика Британија се зголеми со вечерашново гласање. Иако не сакаме тоа да се случи, Европската комисија ќе ја продолжи работата на својот план за да може ЕУ да биде потполно подготвена“, порача Јункер во соопштение веднаш по гласањето.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц изјави вчера дека ЕУ повторно не би требала да преговара со Велика Британија за спогодба за излез на таа земја од Унијата.
„Жал ми е за резултатот од гласањето за Брегзит во британскиот долен дом на парламентот. Во секој случај нема да има нови преговори за нова спогодба за повлекување“, напиша Курц на својот профил на Твитер.