Штипските угостители доцна попладнево имаа средба со директорката на Управата за јавни приходи (УЈП), Соња Лукаровска.
Целта на ваквите средби, вели Лукаровска, е да се слушне мислењето на угостителите за работата на УЈП, како и контролите што ги прават.
„Ги слушнавме импресиите и впечатоците од новиот проект „Мој ДДВ“ да видиме, дали навистина има побарувачка се поголема за издавање на фискални сметки. Слушнавме со какви проблеми се соочуваат во секојдневното функционирање, спомнаа за оние две стапки за издавање на храна и пијалоци од 5 и 18 посто. Тука ќе разгледуваме одредени законски измени и дополнувања, ќе разговараме и на владино ниво“, изјави Лукаревска.
Таа истакна дека во овој дел ќе разговараат и со стопанските комори, бидејќи, како што вели, има одредени недоречености во делот на тоа како тие ги перципираат работите.
Лукаревска забележа дека со воведување на проектот „Мој ДДВ“ на терен имаат и стопроцентно зголемување на контролите во угостителските објекти и трговски фирми, а постапуваат по основ на пријави од страна на граѓаните на кои не им се издава фискална сметка.
„Правиме и други теренски контроли, но и делуваме и превентивно. Значи не одиме веднаш со казнување, онаму каде што ќе наидеме на некој прекршок, туку пред се го снимаме прометот и онаа разлика што ќе ја утврдат инспекторите и контролорите правиме напор да ја искуцаат даночните обврзиници врз основа на тоа да бидат сложени со прометот“, појасни Лукаревска.
Во штипскиот регион евидентирани се вкупно 120 угостители, а вакви средби директорката на УЈП Лукаревска има остварено и со угостителите во Битола, Кавадарци и Охрид.