Првата дама на САД, Меланија Трамп, од стапувањето на должност на нејзиниот сопруг како претседател, заработи стотици илјади долари врз основа на спогодбата со фото агенцијата „Гети имиџис“, според која водечките медиуми индиректно му платиле на семејството Трамп, пишува Еј-Би-Си њуз.
Неодамна објавениот финансиски извештај на претседателот Доналд Трамп открива дека првата дама во 2017 година заработила најмалку 100.000 долари од агенцијата „Гети имиџис“ за употреба на некои од 187 фотографии од семејството Трамп, направени помеѓу 2010 и 2016 година.
Не е необично познатите личности да заработуваат на своите фотографии, но е чудно тоа да го прави сопругата на актуелен претседател, а уште попроблематично за многу медиуми е тоа што тие морале да бидат објавени во позитивен контекст, наведува Еј-Би-Си њуз.
Според соопштението за приходите на претседателот, заработката на Меланија Трамп во 2017 година е заведена во ставка каде што разликата се движи меѓу 100.000 и еден милион.