Лидерот на грчката Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, уште еднаш го повтори ставот на неговата партија дека не се согласуваат со Договорот и нема да гласаат за ратификација во парламентот. Воедно, избегна да коментира „што би можело и што не би можело да се случи на референдумот“ кај нас.
„Заев, систематски го користи името Република Македонија за да ја одреди земјата што ја претставува и многу инвестира во прашањата за македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската националност, потврдувајќи ја на овој начин нашата сериозна резервираност. За прв пат, грчката Влада на соседната земја ѝ отстапи јазик и националност, а во исто време ѝ даде зелено светло за интеграција во НАТО“, рече Мицотакис на прес конференцијата, за време на неговата посета на грчкиот остров Крит, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис не ги прифаќа тврдењата дека Грците кои протестираа против Договорот од Преспа биле мотивирани од трети фактори.
„Грчкото општество не реагира за Договорот, бидејќи е поттикнато од некој. Реагира за Договорот бидејќи е лош Договор, бидејќи Ципрас и Коѕијас им ги отстапија македонска националност и македонски јазик на соседната земја, која слави за тоа и според тоа, можам целосно да разберам зошто големото мнозинство на грчкото општество е против овој договор“, рече првиот човек на Нова демократија.