На јавниот оглас за доделување на државно земјоделско земјиште над три хектари со соодветен бизнис план за инвестиции пристигнаа вкупно 51 понуда од кои 39 се со уредна и целосна документација, а 12 се одбиени поради формално неисполнување на пропишаните законски услови во огласот.
Завршена е формалната обработка од комисијата формирана од Владата и наскро ќе следува електронско јавно наддавање по што ќе се склучат договори со избраните заедно со изјава на нотар дека инвестицијата приложена во бизнис планот ќе биде реализирана во наредните пет години.
„Вкупниот инвестициски фонд на 39. понуди изнесува 15,5 милиони евра, односно толку средства вкупно би се инвестирале во подигање на насади и изградба на преработувачки капацитети што беше еден од фокусите на огласот за доделување на овие 23 атрактивни блокови. Оваа сума претставува директен влог во земјоделството и агросекторот, а дополнително со овие прифатливи понуди се очекува да се отворат минимум 100 работни места, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски на денешната прес-кофнеренција.
Тој појасни дека сите прифатливи понуди, освен оние за подигање на насади и одгледување на едногодишни култури, содржат и капитални инвестиции во објекти од примарната преработка на земјодеслки производи како винарии, кланични капацитети, центри за преработка на овошје и зеленчук, откупни центри, млинови, оранжерии,… Со инвестициите, посочи, се отвора можност за решавање на откупот и на вишоците на земјоделски производи.
„Инвестициите што ќе се реализираат преку овој оглас во наредните пет години ќе бидат силна алатка за решавање на откупот на вишоците на земјоделски производи преку воспоставување на синџири на соработка преку примарните производители и преработувачките капацитети, рече Николовски и додаде дека успешниот оглас претставува мотив Министерството да ги објави и следните огласи за 2019 година.
Најави дека активно се подготвува вториот инвестициски оглас за кој, посочи, се очекува огромен интерес на бизнис заедницата за изградба на дололнителни преработувачки капацитети и отворање на нови работни места.
„Огромен интерес имавме и за јавниот повик за доделување на државно земјоделско земјиште до три хектари за кој досега пристигнаа рекордни 718 понуди. Со овој повик им овозможивме на сите заинтересирани доколку имаат информации за слободна земјоделска земја од 4,5,6,7 и 8 класа самоинцијативно да пројават интерес преку подготовка на геодетски елаборати и прибирање на сите потребни документи, рече Николовски и додаде дека е добро што има голем интерес за доделување и на неатрактивното змејоделско земјиште.
Согласно податоците од Државниот завод за статистика, 35 отсто од вкупното земјоделско земјиште е во државна сопственост или околу 180 илјади хектари. Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство има склучено околу 9.000 договори за закуп на државно земјоделско земјиште.
Министерот Николовски најави дека наскоро ќе биде изготвен интегриран систем за управување со земјоделското земјиште по примерот на Литванија со кој, МЗШВ ќе биде целосно поврзано со Катастар и сите институции. Преку тој систем, потенцира, со еден клик сите заинтересирани ќе знаат која парцела има договор, дали е предмет на денационализација, дали е државно или приватно земјоделско земјиште.