Во планинскиот туристички центар Пониква на Осоговските Планини се одржа традиционалната меѓународна средба на Власите „За Петровден сите на планина“, чиј организатор е пејачката група „Грамостеањ“ од Скопје.
Во рамки на манифестацијата се одржа и дванаесеттиот фестивал на влашки фолклорни ора и песни, на кој учествуваа десетина ансамбли од неколку градови во државата, како и од соседна Бугарија.
„Ова дружење е одлична можност да ја презентираме. но и да ја зачуваме културната традиција на Власите, кои токму на падините на Осоговијата некогаш ги имале најбројните стада овци и поголем дел од годината го поминуале овде. Празникот Петровден за нас има посебна важност затоа што од дамнина бил период на дружба и собири на кои тогашните млади се запознавале, правеле веридби или свадби. Сакаме сеќавањето на тие времиња да остане, со оглед што денес сè повеќе млади ја напуштаат државата и се иселуваат во странство“, истакна Ѓорѓи Николов претседател
на здружението „Грамостеањ“.
На отворањето на фестивалот, присутните учесници и гости ги поздрави градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев, кој рече дека Општината како домаќин дава целосна поддршка оваа манифестација да продолжи и во иднина, нагласувајќи ја важноста на културната, економската и другата соработка меѓу сите етнички групи во регионот и пошироко.
Традиционалниот влашки етно фестивал на Пониква е дел од манифестацијата “Петровденски конаци“ што се одржува по повод верскиот празник посветен на Свети Петар, заштитникот на Кочани.