Претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, ја изземал судијката Лидија Неделкова од два предмети кои пристигнале од Специјалното јавно обвинителство.
Неофицијално, причина за изземањето било тоа што нејзиниот син бил ангажиран во СЈО.
Судијката Неделкова вели дека таа не била информирана за изземањето.
Никој, вели, не ја информирал за одлуката да работи на предмети на Специјалното обвинителство. Таа смета дека решението е незаконско.
Од СЈО негираат дека синот на Неделкова е вработен во ова обвинителство, без да коментираат дали на каков било друг начин бил ангажиран.
Неделкова, пред неполн месец, беше отстранета и од Кривичниот совет на Врховниот суд, откако се изјасни дека Републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски не може да поднесе Барање за заштита на законитоста за притворот на бизнисменот Сеад Кочан бидејќи предметот е во надлежност на СЈО.
Со измени на годишниот распоред, направени од претседателот Вангеловски, таа од Кривичниот оддел беше распоредена во Одделот за судска пракса.