Сите 47 патници и членови на екипажот загинаа кога пакистански авион се сруши денес во планинаската област на северот на земјата, изјави директорот на авиокомпанијата „Пакистан интернешенел ерлајнс“ (PIA), Мухамад Азам Сајгол.
„Нема преживеани“, рече Сајгол на конференцијата за новинари.
Тој наведе дека авионот бил редовно одржуван и дека во октомври ја поминал проверката, која се спроведува на секои 500 часа летање.
„Мислам дека не е во прашање техничка или човечка грешка“, рече Сајгол, додавајќи дека ќе биде спроведена „соодветна истрага“.
Пакистанскиот министер за воздухопловство Ирфан Елахи, пак, изјави дека авионот имал проблеми со моторот.
Елахи на новинарите им рекол дека е рано да се утврди причината за несреќата.
На фотографиите што ги објавија пакистанските телевизиски станици и одделни печатени медиуми, се гледаат остатоци од авионот во пламен на планинската падина.
Војската соопшти дека испратила војници и хеликоптери на местото на несреќата.
Пакистанската авиокомпанија во чија сопственост е паднатиот авион соопшти дека нивното летало изгубило контакт со контролната кула на патот кон престолнината Исламабад, по полетувањето од северниот округ Читрал.
Авиокомпанијата наведе дека авионот се срушил во 16.42 по локално време во општината Хавелијан во провинцијата
Хајбер-Пахтунва, на околу 125 километри северно од Исламабад.
„Сите тела изгореа до непрепознатливост“, изјавил преставникот на локалните власти Мухамад Кан за Ројтерс.
Кан, кој бил на местото на несреќата, навел дека сведоци му кажале дека авионот кој се сруши во планинското подрачје, пред падот се запалил.
Спасувачки тимови го пребаруваат местото на падот на авионот.