Владеачката ВМРО-ДПМНЕ е исклучена од преговорите за нова македонска влада, а лидерот Никола Груевски предупреди дека „секој кој ќе формира коалиција без најсилната партија, може да очекува проблеми“, пренесува Радио-телевизија Србија.
Српската државна телевизија посебно се осврнува на изјавата на Груевски после средбата со претставниците на ОБСЕ во Македонија за тоа дека „мораат да знаат дека се соочуваат со проблеми во иднина, својствени за ситуации кога се игнорира волјата на мнозинството граѓани“.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува да инсистира на нови парламентарни избори додека преговорите меѓу противничкиот СДСМ и најсилната албанска партија, Демократската унија за интеграција, влегуваат во завршна фаза, пренесува РТС.
Во моментов, според информациите со кои располага телевизијата, се чекало Али Ахмети да донесе конечна одлука за понудата на социјалдемократите.
Без оглед на резултатот од преговорите, јасно е дека во можната нова коалиција нема да има место за претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, која најави „проблеми“ ако новата влада не ја формирала „партијата која добила најголема поддршка на изборите“.
ВМРО-ДПМНЕ наведува дека во последните десет години во Македонија е почитуван принципот коалиција да формираат најсилната македонска и најсилната албанска партија, но дека тој принцип, после декемвриските избори е „заборавен“.
Извори од Демократската партија за инеграција велат дека очекуваат Ахмети да се согласи на коалиција со социјалдемократите, но и дека во партијата постои силно крило кое сеуште се залага за сојуз со Никола Груевски, пренесува Танјуг.