Љубителите на фудбалот кои се на седмо небо уште од 14 јуни, откако почна мундијалското уживање во Русија, непрекинато ги опседнува прашањето – кој ќе биде новиот светски првак. Пред почетокот на натпреварите од четвртфиналето, кои се на програмата во петок и во сабота, обложувалниците го понудија одговорот, а тоа е Бразил.
Според квотите на големите букмејкери, „кариоките“ се први на листата на фаворити со коефициент 3,75, а следат Французите и Англичаните со подеднакви шанси (по 5,00). од друга страна, тотални аутсајдери се Швеѓаните (23,00) и Русите (19,00). меѓутоа, и тие од врвот, како и оние од дното, веројатно знаат колку прогнозите на светските шампионати можат да бидат погрешни. Ако по некој случај не се упатени можат да ги прашаат Германците, тие најдобро знаат.
Од четирите претстојни натпревари, две се полуксузни. Во нив земаат учество три од четирите поранешни светски прваци, колку што вкупно останаа во конкуренција. Меѓусебно играат Франција (шампион во 1998) и Уригвај (освојувачи на СП во 1930 и 1950), односно петкратниот шампион Бразил (1958, 1962, 1970, 1994, 2002) и Белгија, која ја има најталентираната генерација во историјата на земјата.
„За да го победиме Бразил, мораме да исполниме 120 отсто од нашите физички и ментални квалитети. За нас овој натпревар е како финале. Знаеме колку е тешко да се совладаат ‘кариоките’, но сме свесни и дека тоа не е нереално“,
Томас Муниер, репрезентативец на Белгија.
А, на другата страна, само Англичаните знаат како е да се биде сопственик на златниот трофеј, освоен во 1966 година. Противник на екипата која ја предводи најдобриот стрелец на турнирот Хари Кејн е изненадувањето Шведска, додека четвртиот полуфиналист ќе се бара во дуелот меѓу Хрватска и домаќинот на ова првенство, репрезентацијата на Русија.
Квоти за пехарот: (1) 1. Бразил 3,75;
(3) 2. Франција 5,00;
(7) 3. Англија 5,00;
(10) 4. Хрватска 7,00;
(6) 5. Белгија 7,50;
(8) 6. Уругвај 17,00;
(12) 7. Русија 19,00;
(17) 8. Шведска 23,00
*Во заградите е позицијата на листата на фаворити пред почетокот на Светското првенство