Турските власти ја ослободија денес дописничката на „ББС“, која известуваше за немирите на североистокот на Турција, од притвор каде што без образложение помина еден ден, објавија британски медиуми.
Новинарката Хатиџе Камер која работи за турскиот сервис на „ББС“ беше притворена вчера во провинцијата Сирт.
Ноќта ја мина во седиштето на полицијата во Сирт и е во добра состојба, пренесува Ројтерс.
Таа го следеше инцидентот во рудникот во таа област во кој загинаа неколку работници, а сеуште е во тек спасувачка операција за оние кои останаа заробени.
„ББС“ наведува дека не постојат оправдани причини за апсење на нивната дописничка која е на чело на локалното здружение на новинари.
Вчера во Дијарбакир на југоистокот на Турција е уапсен и новинар на Гласот на Америка.
Турција во текот на изминатите месеци ги зајакна мерките против медиумите, затворајќи повеќе од 170 редакции, од кои повеќето се на курдскиот југоисток на државата.
Во притвор моментно се наоѓаат 120 новинари.