Челзи и Борусија Дортмунд соопштија официјално дека го договориле трансферот на американскиот фудбалер Кристијан Пулишиќ кој од Германија се сели во Англија за 64 милиони евра.
Според договорот, Пулишиќ ќе премине во Челзи во летниот трансфер период, а дотогаш ќе остане како позајмен играч на Дортмунд.
По официјализацијата на трансферот, Пулишиќ им се обрати на навивачите и соиграчите од Борусија Дортмунд и им се заблагодари за поддршката која ја добивал досега.
„Со тешко срце морам да соопштам дека влегувам во последните месеци од престојот во вашиот и нашиот светски познат клуб. Како да беше вчера кога пристигнав во Дортмунд како неискусен, возбуден, многу нервозен, но многу горд 16-годишник од малиот американски град Херши. Немав претстава што ме чека, но брзо открив дека како млад играч ќе бидам во најдобрите можни раце.
Не би бил тука каде што сум ако не беше клубот и неговата определба да им дава шанса на младите играчи. Беше чест и задоволство да се игра за жолто-црните пред јужната трибина. Многу, многу незаборавни моменти искусив пред својот 20-ти роденден, на моменти изгледа како сон. Сакам да се заблагодарам на сите тренери кај кои сум настапувал и кои ми давале шанса.
Би се заблагодарил и на своите одлични соиграчи за сите овие години. Ме прифатија како момче, го поделија своето искуство со мене, ми помогнаа да се развијам и да израснам во професионален фудбалер. На тоа сум ви искрено благодарен.
Благодарност до нашите најдобри навивачи. Беше привилегија да стојам со вас на јужната трибина и да искусам како ги поддржувате своите херои. Се чувствувам гордо што имав можност од поддршката да станам оној кој го поддржуваат. Ме прифативте како свој. Ви благодарам на тоа.
На лето се селам во Челзи и во ново натпреварување, англиската Премиер лига. Привилегија е да потпишам за таков легендарен клуб и се радувам на напорната работа со цел да бидам рамноправен член на екипата со врвни фудбалери. Се радувам на соработката со Маурицио Сари и стручниот штаб.
Но, следните шест месеци се ќе биде насочено кон Борусија! Ве молам да не се сомневате во мојата страст, одлучност и 110% посветеност на тимот се до последниот меч сезонава. Веруваме дека ова е наша година и насочени сме да ги оствариме најдобрите можни резултати во сите натпреварувања“, напиша Кристијан Пулишиќ.