Во годината што изминува природата не ја штедеше планетата. Земјотреси, поплави, торнада и слични елементарни непогоди однесоа илјадници животи и предизвикаа огромна материјална штета.
Последната пресметка, од јули оваа година, вели дека природните катастрофи ширум светот причиниле 70 милијарди долари штета, но после разорниот земјотрес во Италија, неколкуте урагани во Америка и поплавата во Африка, таа бројка е далеку поголема.
Бројот на жртви никој не успеа да го изброи, но јасно е дека зад нас е година во која природата ниту малку не не штедеше.
ПОПЛАВИ
Поплавите годинава се случуваа ширум светот.
Во Индија во 2016 година повеќе од 1.000 луѓе настрадаа во поплави, во Луизијана, Хјустон, Западна Вирџинија и Северна Каролина преку 300, во Кина во јули загинаа или исчезнаа речиси 300 луѓе, а близу 150 лица настрадаа во Северна Кореја.
Кон крајот на годината поплави се случија и во Грција, заради што на Закинтос и во Атина беше прогласена вонредна состојба.
Во екот на штрајкови и протести поради измена на законот за работа и само неколку денови пред почетокот на Европското првенство во Фудбал, во јули 2016-та, Париз го зафатија поплави какви што Французите не паметат.
Водата на Сена беше толку високо што тамошните власти одлучија да ги затворат за посетители музеите Лувр и Орсеј, кои се наоѓаат на спротивни страни од реката.
Силни поплави ја погодина и Африка. Во октомври во Нигерија загинаа 50 луѓе, а 120.000 останаа без покрив над глава. Претходно во Судан во август годинава загинаа 100 луѓе во поплава.
Дури и во Катар, имаше поплави во некои делови од земјата во ноември.
На другиот крај на светот, во Шри Ланка во мај дури половина милион луѓе ги напуштија своите домови бегајќи пред водата, а седудесет не успеаја да се спасат, се удавија.
Во Пакистан поплавата беше толку силна и така сурова што одзеде 92 животи во еден ден, а 23 се удавија во калта.
На Балканов, дури би рекле и во Европа, најлошо помина Македонија. Потоци вода на улиците предизвика силното невреме. Животот го загубија 22 луѓе. Најмладата жртва имаше само две години, а најстарата 67.
УРАГАНИ
Силни бури, урагани и торнадо обично се нешта што ги поврзуваме со северноамериканскиот континент, но оваа година ги имаше ширум светот.
Најсилниот ураган беше „Метју“, моќен и смртоносен циклон од петта категорија.
„Метју“ во септември тргна од Атлантикот преку југоисточниот дел на САД, Хаити, Јамајка, Куба, Доминиканска Република до Бахамите.
Најмалку 1.042 жртви му се припишуваат на „Метју“, вклучувајќи повеќе од 1.000 на Хаити, што го прави најсмртоносен атлантски ураган после ураганот „Стен“ во 2005 година.
Прв пат оваа година торнадо ја погоди Манила.
После обилни дождови кои монсунот ги „истури“ на Филипини, во главниот град на оваа држава се случија серија посилни и послаби торнада.
Ветрот корнеше дрва од корен и носеше покриви од куќи на периферијата, а беше оштетена и инфраструктурата во самиот центар на градот.
Пред отприлика еден месец, торнадо профуче и низ главниот град на Италија.
Животот го загубија две лица, а беше причинета голема материјална штета.
Дури и во Истра оваа година имаше торнада, не толку разорни какви што се тие на северноамериканскиот континент, но секако многу необична појава за Хрватска.
Во Кина беше забележан еден необичен и мошне редок феномен – водено торнадо.
ЗЕМЈОТРЕСИ
Годинава планетата ќе ја памти како година на разорни земјотреси.
Годинава, за разлика од претходните седум, немаше потреси поголеми од 8 степени, но затоа беа поразорни и посмртоносни отколку претходните години.
Последниот во низата со јачина од 7,7 степени по Рихтеровата скала се случи во Чиле, но немаше жртви како што тоа беше случај на Индонезија во средината на декември кога настрадаа 100 луѓе, а 45.000 се раселија поради потресот со јачина од 6,5 степени.
Тој дел од светот инаку е трусен и земјотресите не се реткост, па дури ни оние разорните, како што беше случај со земјотресот што го погоди Нов Зеланд во ноември.
Проценетата штета, само од осигурувања, изнесува 5,3 милијарди новозеландски долари (3,7 милијарди американски долари).
Најразорниот земјотрес во Европа беше оној во Италија.
Оваа земја која се наоѓа на сеизмолошки многу активно подрачје, годинава ја погодија повеќе земјотреси но најсмртоносен беше оној кон крајот на август кога Аматриче, историски град во централниот дел на Италија, беше практично збришан од лицето на земјата.
Загинаа преку 300 луѓе, а тогашниот премиер на Италија рече дека штетата од земјотресот била проценета на дури четири милијарди евра.
Во Еквадор во земјотрес што се случи во април загинаа над 700 луѓе, а повредени беа 16.000.
Во исто време, два силни земјотреса ја потресоа Јапонија. Тогаш загинаа 48 луѓе.
Претходно, земјотрес со јачина од 6,4 степени според Рихтер усмрти 117 луѓе во Тајван.
Се тресеше и Балканот. Неколку пати во текот на годинава забележени се земјотреси во Босна и Херцеговина и во Хрватска.
После серијата потреси во централна Италија, земјотрес со јачина од 4,3 степени се случи јужно од Сараево, неколку денови потоа тресење на тлото беше регистрирано и во Бањалука.
Таму беа измерени 4 степени според Рихтеровата скала.
Најмногу потреси имаше во Македонија.
Во серијата земјотреси кои го погодија Скопје во септември, чија јачина варираше од 2,3 до 5,3 степени по Рихтер, причинета беше само материјална штета, а повеќе од стотина граѓани побараа да им се укаже лекарска помош од повреди кои ги добиле главно при панично бегство.