Ана Албот од Полска тргна денес од Берлин, од некогашниот аеродром Темпелхоф, со надеж дека ќе и се придружат барем илјада Европјани во граѓанскиот марш на солидарноста со жртвите во војната во Сирија, пешки се до разурнатиот град Алепо.
Таа планира да оди по „балканската траса“, но во спротивна насока од онаа по која одат бегалците.
Има намера да стаса до Алепо, градот што е симбол на страдањата во Сирија и симбол на распостранетоста на рамнодушноста на Европа кон подалечните војни.
„Откако на Фејсбук ставив пост со идеја за маршот, се појавија пораки за поддршка. На самиот почеток не мислев дека тоа ќе го оствариме, повеќе беше како сонување или идеја. Одушевувачките реакции ме натераа да почнам да планирам“, рече денес Алборт за медиумите непосредно пред стартот на маршот.
Целта на граѓанскиот марш е во текот на походот од 3.400 километри, преку Германија, Чешка, Австрија, Словенија, Хрватска, Србија, Македонија, Грција и Турција до Алепо во Сирија, кој ќе трае 3,5 месеци, да собере 5.000 учесници, барем само на некои делници долж таа траса.
„Секој може во секој момент да се придружи, барем на еден ден“, вели Ана Албот.
Во нејзината идеја, посочува таа, немало никаква политика, туку само желба Европјаните да кажат „Доста“ и да ја одбијат рамнодушноста кон војната.
„Немаме никакви политички идеи. Јас сум просечна Ана која не знае кој на која страна е во Сирија. Тешко е да се ориентираш кој таму ги влече конците. Ако собереме толку луѓе, можеби ќе можеме да организираме и протест на трасата пред некоја амбасада, но јас не знам дали правата адреса би била руската, американската или можеби сириската амбасада“, рече организаторката на граѓанскиот марш за Алепо.
На последната етапа од маршот, на границата со Сирија, учесниците сакаат пред се да издејствуваат од турските и сириските власти отворање на хуманитарен коридор за помош на сириските цивили.
„Немам илузии дека ќе им помагам на ранетите во рушевините. Не сум лекар, го немам тоа знаење. Нас ни е важно тој коридор да биде отворен. Нашата примарна цел не е таква да токму физички влеземе во Алепо“, вели Ана.
Пред почетокот на маршот, повеќе од 3.000 луѓе и се пријавија на Ана Болт, блогерка која патува со семејството по светот и настојува да ги поттикне младите семејства да запознаат други земји и други лиѓе.
„Ризик? Ако би го бомбардирале мировниот марш, тогаш овој свет навистина за ништо не вреди“, истакнува Ана Албот.