Апел за побрзо расчистување на случајот „Рекет“, но и почитување на пресумцијата на невиност побара денеска специјалната обвинителка Ленче Ристевска во изјавата за медимите што ја свика откако вчера Јавното обвинителство го отвори случајот, беше
одреден притвор за Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, а претходно Катица Јанева депонира оставка, и заради истрагата и беше одземен мобилниот телефон.
„Стоиме зад работата што досега е завршена, ве уверувам дека сите предмети по кои се постапува се професионално водени и не се загрозени постапките. Наш примарен интерес е зачувување на интегритетот на СЈО и секогаш сме постапувале на ниво на задачата за справување со криминалот. Внимантелно го следиме сите случувања и сме подеднакво загрижени, но истовремено повикуваме да се почитува презумцијата на
невиност. Сите ве уверувам дека дејствијата на поединци не ги отсликуваат сите во СЈО и не смее да ги доведат под прашање интегритетот и постапките кои се видени досега“, истакна Ристевска.
Посочи дека зборува во име на сите обвинители кои присуствуваа денеска на нејзината изјава – Гаврил Бубевски, Љубомир Лапе, Лиле Стефанова, Артан Ајро, Елизабета Јосифовска и Трајче Пеливанов, како и Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи кои се на одмор, вклучувајќи ја и целата стручна служба во СЈО.
Ристевска не даде директни одговори на прашањата поврзани со Јанева. Посочи на вчерашната изјава на обвинителката Вилма Рускоска и дека се уште нема информации оти специјалната обвинителка е опфатена со истрагата што ја отвори Обвинителството за организиран криминал.
Таа лично ниту денеска ниту вчера не се сретнала со Јанева, а за нејзината оставка обвинителите во СЈО дознале кога било објавено во јавноста.
Прашана кои се заменици на Катица Јанева и дали дошле денеска на работа, Ленче Ристевска рече дека таа и Елизабета Јосифовска се нејзини заменици.
Обвинителката Ристевска во пресрет на најавената лидерска средба ги повика сите политички партии да застанат во интерес на граѓаните и да овозможат ова обвинителство да ги спроведе сите истраги кои се во интерес на јавноста.