Иницијативата „Спас за Валандово“ побара од Советот на општината Валандово јавна седница со присуство на граѓаните со единствена точка на дневен ред – распишување на референдум преку кој ќе се овозможи луѓето да го искажат своето мислење за отворањето на рудникот за експлоатација на злато, сребро и бакар, Казандол.
Неопходно е граѓаните да го кажат своето мислење, и да го дадат својот глас, за или против отворање на рудник. Отворање на рударски комплекс ќе биде погубно за иднината на општина Валандово. Референдумското прашање за или против рударски комплекс е прашање да се биде или не за Валандово. Валандовската котлина, климата и еколошки чистата средина ни е дадена од генерациите пред нас, но ни е позајмена од генерациите кои доаѓаат“, граѓанска иницијатива „Спас за Валандово“
Постојат информации за тоа дека Советот на општина Валандово за во четврток закажал седница на која присуство е дозволено само на претставници на фирмата која треба да стопанисува со рудникот.
Седницата е исклучена за јавноста и за претставници на иницијативата „Спас за Валандово“.
Патем, барање за референдум воопшто не било поставено на дневен ред.
Иницијативата „Спас за Валандово“ заради неисполнување на нивните барања најавува радикализација на отпорот.
Активисти на „Спас за Валандово“ ги посетија сите советници на општина Валандово со барање да ја поддржат иницијативата за референдум за влезот на тешката и загадувачка индустрија во овој претежно земјоделски регион.