Од денеска Солун и Атина се поврзуваат со експресен воз, кој времето на патување од над пет часа ќе го намали на четири.
Патувањето од Солун до Атина ќе трае 3 часа и 57 минути, а од Атина до Солун, 4 часа и 10 минути. И во двата правци, возот ќе застанува на две станици.
Цените на билетите остануваат непроменети, 55 евра за прва класа и 45 евра за втора класа, со 20 отсто попуст на повратен билет.
Министерот за транспорт и врски на Грција, Христос Спирѕис во средата беше во експресниот воз на првото пробно возење од Атина до Солун, кога рече дека е историски ден и „нова ера и нови хоризонти за Грчката железница, што ги отвори Владата на премиерот Алексис Ципрас и по 40 години ги заврши електрификацијата на линијата од Атина до Солун и изградбата на двојната железничка линија од 450 километри“.