Ракометната репрезентација на Македонија забележа победа над Јапонија со 38-29 (18-13) во првиот натпревар од групата „Б“ на Светското првенство кое се игра во Германија и Данска.
Избраниците на Раул Гонзалез одиграа добар натпревар во Минхен. Уште на самиот почеток „црвено-жолтите“ ја презедоа контролата над играта, а во 17 минута дојдоа и до највисоки +5 (5-10).
Оваа победа беше задолжителна за нашите ракометари, кои бркаат пласман во следната фаза на натпреварувањето како една од трите најдобропласирани репрезентации во групата.
Најпрецизен во македонската репрезентација беше Лазаров со 8 голови, а веднашѓ по него беа Манасков и Стоилов со по седум. Борко Ристовски беше одличен на голот со 20 одбрани. Кај поразениот тим, Ваканабе и Шида реализираа по четири гола.
За играч на натпреварот беше прогласен Стојанче Стоилов.
Следниот натпревар на нашата репрезентација е во недела со Бахреин.