Целата документација за случајот „Империја“ е сочувана, ништо не е уништено – велат од СЈО за 1ТВ откако низ медиумите се прошири веста дека во зградата на СЈО се случила поплава. Обвинителката Лиле Стефанова направила увид во документацијата на предметот и потврдила дека ништо не недостасува.
„Тоа не е поплава како што пренесоа медиумите, туку се работи за прскање од пукната цевка за парно. На дел од документите испрскало малку вода, но сите документи се скенирани и сите постојат. Се е сочувано. Обвинителката Лиле Стефанова штотуку ги провери документите од предметот „Империја“ и утврди дека ништо не недостасува“ – велат од СЈО за 1ТВ.
-Tочно е дека поради дотраеност на сѐвкупната инсталација за парно греење во објектот во кој е сместено Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, протече една од цевките на тој систем, при што беше зафатена дел од документацијата на неколку предмети кои се водат од страна на ова Јавно обвинителство, меѓу кои на „Империја“, „Триста“ и „Шпион“. Притоа, треба да се има предвид дека во ова Јавно обвинителство документите се скенираат, но доколку се утврди дека има документи кои не биле ставени во електронска форма, ќе се бара нивно обновување. Во моментот се испитуваат причините за конкретниот дефект и се спроведува внатрешна процедура со цел да се изготви попис и проценка на вкупната штета. Инаку, од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите осигурени се како објектот, така и опремата, наведуваат од СЈО.
Во случајот „Империја“ кривично се гонат 13 лица, меѓу кои и бизнисменот Јордан Камчев, неговите соработници Ненад Јосифовиќ и Цветан Панделески, како и Сашо Мијалков. Тие се сомничат за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело во периодот од 2002 година до 2013 година.
Во предметот „Триста“ што се однесува на набавката на возила за потребите на Министерството за внатрешни работи, на девегодишна затворска казна беше осуден поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Но, Апелација ја укина првостепената пресуда, а случајот го врати на повторно судење.
Во случајот „Шпион“ кој е вратен на повторно судење, осомничени се 18 лица за злосторничко здружување, шпионажа, уцена, измама и недозволено поседување оружје.