Не стивнуваат негодувањата по одлуката на новиот вршител на должноста претседател на Кривичниот суд Скопје 1, Стојанче Рибарев, повеќе од половина од вкупно седумдесетината судии да прераспореди на нови работни места.
Од Основниот суд Скопје 1 велат дека при изготвувањето на распоредот се имало во вид состојбата со движењето на предметите од сите области, заостатокот во одредени области и потребата од итност во постапувањето по некои видови предмети утврдена со законските рокови.
Но, наводно, се земале предвид и оптовареноста на секој судија поединечно со предмети и досегашните забелешки и мислења од повисоките судски инстанции во врска со работата на судот.
Оттаму оставаат можност судиите кои се незадоволни да се жалат на одлуката.
Распоредот на судиите во Кривичниот суд во Скопје предизвика бурни реакции во јавноста и пред четириесетина дена кога тогашниот в.д. претседател, Татјана Михајлова, прераспореди дваесетина судии на нови работни позиции.
Незадоволни од тоа, петнаесет судии поднесоа жалба до Врховен суд, кој ги уважи приговорите на седум од нив.
Со најновиот распоред, Славјанка Јанкоска, судијката која ги отфрли како доказ материјалите од прислушуваните разговори од вчера е заменик претседател на „скопска единица“, но ќе раководи и со Одделот за претходна постапка.
Со Одделот за извршување санкции ќе раководи Бранка Наумовска, со прекршоци – Хамдирефет Бафтијари, Одделот за кривично гонети полнолетни лица ќе го води Гордана Спироска, а за малолетни – Лирие Елези Ајрулау. За предмети по новиот ЗКП ќе судат „Сваровски судијката“ Софија Лаличиќ, Моника Бахчованова, Биљана Коцева, Дијана Груевска-Илиевска, Љубинка Башевска… За останатите предмети по стариот ЗКП ќе одлучуваат Весна Димишкова, Ѓоко Ристов и Славица Андреевска.
Во Одделот за организиран криминал се најде „двоецот“ Владимир Панчевски и Татјана Михајлова, донеодамна челниците на „скопска единица“.
Панчевски, патем, ќе раководи со целиот Оддел, со претходна постапка, судење и со Кривичниот совет и ќе постапува по дел од барањата на СЈО.
Во овој оддел се и Ненад Савевски, Елена Јосифовиќ, Александра Поп Стефанија и Лидија Петровска, за кои Специјалното јавно обвинителство поведе постапка за разрешување.
Зачудува фактот што в.д. претседателот Рибарев ги симна скалило подолу крајно „лојалните“ Дијана Груевска-Илиевска, Ѓоко Ристов и Љубинка Башевска.
Креаторите на пресудите за случајот „Ликвидација“, Груевска-Илиевска и Ристов, од вчера, од „организиран“ ќе работат по предмети од Законот за кривична постапка што се применува од 2013 година, односно, на предмети од стариот ЗКП.
На Ристов, кој дури беше и дел од кривичниот совет, во постапувањето по предмети од стариот ЗКП друштво ќе му прави Башевска, судијката која го водеше случајот „Пуч“
На Башевска, меѓутоа, трошка надеж дека сеуште сметаат на неа, и остава решението на Рибарев дека таа ќе одлучува по жалби на сите барања за претрес, наредби и други дејства што ќе се бараат од судија на претходна постапка.
Најдебелиот крај, се чини, го извлекоа „бунтовниците“ Иван Џолев и Седат Реџепагиќ.
Судијата Иван Џолев, кој влезе во отворен конфликт со експретседателот Панчевски останува да работи на истраги и на истражни дејства, но поради помал обем на работа префрлен е во Судот за прекршоци
Во Одделот за прекршоци се најде и судијата Седат Реџепагиќ.
Томислав Кежаровски