Токио денеска ги претстави официјалните маскоти за Олимписките и Параолимписките игри во 2020 година.
Маскотата за Олимпијадата е наречена Мираитова, а таа за Параолимпијадата е Сомеити.
Нацртите за маскотите ги избрале ученици од цела Јапонија.
Мираитова е комбинација на јапонски зборови за иднина и вечност, а Сомеити потекнува од популарниот вид на цвет од цреша “Сомељошино“ и потсетува на англискиот израз „со мајти“ (so mighty) што значи така моќен.
„Овие маскоти се ваши пријатели. Сите помогнавте за нив. Пет милиони деца помогнаа да се одберат Мираитова и Сомеити. И имињата ги одбравме заедно, така што Олимпијадата ни припаѓа на сите“, рече на свечената церемонија претседателот на организацискиот комитет за Олимпијадата 2020 година, Јоширо Мори.
Организаторите рекоа дека парот футуристички ликови ја комбинираат традицијата и иновацијата.
Олимписките игри во Токио ќе бидат одржани од 24 јули до 9 август 2020 година.