Големите тениски турнири за оваа сезона се и официјално завршени со натпреварувањето во Лондон на кое Александар Зверев го совлада Новак Ѓоковиќ.
Не им требаше многу време на странските медиуми за да почнат со прогнозите за следната година. Прв своето видување го дал чичкото и некогашен тренер на Рафаел Надал, Тони.
„Тешко ми е воопште да помислам дека Федерер би можел да освои уште некој гренд слем. Не го зборувам тоа заради неговата игра, туку поради отежнатите околности дека на тие натпревари се игра на по три добиени сетови. Иако, Роџер неколку пати ме изненади со својата игра и свежина“, рече Тони.
Тој се осврна на триумфот на младиот германски тенисер во престолнината на Англија.
„Тоа финале ме натера да мислам на се. Убеден сум дека Рафа ќе се залечи во целост и дека ќе гледаме уште негови средби со Ѓоковиќ, а очекувам дека и младите генерации ќе бидат во борбата за трофеи.“
Посебно го пофали српскиот ас.
„Сезоната ќе ја паметиме по враќањето на Новак на она ниво на тенисот на кое беше пред неколку години. Се сомневав во тоа, иако знаев дека се ќе се зависи од неговата желба. Имаше исклучително добра втора половина од сезоната, ги подигна пехарите на Вимблдон, Ју Ес опен, Синсинати, Шангај. Заслужи да биде на врвот“, заклучи Тони.