Американскиот претседател Доналд Трамп порача денеска, после обиколката на границата на САД со Мексико, дека во тек е „инвазија“ која и се заканува на цела Америка.
„На нашата јужна граница е хуманитарна криза. Штотики се вратив и ситуацијата е многу полоша отколку што повеќето можат да разберат, вистинска инвазија!“, порача Трамп на Твитер.
Денеска е 21 ден откако американската влада е во делумна блокада по неуспехот да се постигне договор за буџетот.
Трамп во средата го напушти состанокот со демократите кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, затоа што не сакаа да излезат во пресрет на неговиот предлог за финансирање на ѕид на границата со Мексико.
Делумната блокада на американските федерални служби и агенции влезе во 21 ден, со што се изедначи со досега најдолгото „затворање на владата“ во 1995/96 година, од времето на Бил Клинтон.