Голгетерот на колумбиската репрезентација Радамел Фалкао изјави дека американскиот судија Марк Гајгер ја фаворизирал Англија и и помогнал да се пласира во четвртфиналето на Мундијалот во Русија.
Англија ја елиминираше Колумбија на пенали 4:3 (во регуларниот дел 1:1), а Фалкао е лут на судијата затоа што покажа шест жолти картони на неговата селекција и лесно свиреше прекршоци за противникот.
„Ми беше чудно зошто го делегираа американскиот арбитер токму на овој натпревар против Англија. Искрено, таквата одлука остава многу сомнежи. Тој само зборува англиски, постојат предрасуди. Ни правеше нервоза, секоја одлука 50:50 одеше на страната на Англичаните“, рече Фалкао по натпреварот во Москва.
Фудбалерот на Монако истакна дека е срамота такви работи да се случуваат во нокаут фазата на едно Светско првенство.
„Немаше ист критериум за двата тима. Неверојатно е така да суди во осминафинале“, рече тој.
Фалкао додаде дека е задоволен од начинот на кој Колумбијците се претставија на турнирот во Русија.
„Пеналите може да бидат и во наша корист. Останува горкиот вкус, можевме да поминеме. Колумбија има силна екипа, напредуваме и ќе бидеме уште подобри“, заклучи Фалкао кој во Англија настапуваше за Челси и Манчестер јунајтед.