Официјални лица од Франција денес отпатува за Лондон во мисија да ги привлечат британските банкари во Париз.
Француската делегација ќе настојува да ја претвори француската престолнина во финансиски центар откако Британија ќе ја напушти Европската унија.
Во делегацијата се заменикот градоначелник на Париз, Жан Луи Мисика и шефицата на пошироката област Ил де Франс, Валери Пекрес.
Тие се сретнаа со претставници на компзании од финансискиот сектор.
Како што наведува агенцијата АП, многу банки и други фирми размислуваат за преместување на работите од Лондон кога Британија ќе ги напушти Унијата и единствениот пазар на стоки и услуги.
Франкфурт, кој е веќе силен финансиски центар, се обидува да привлече компании од Британија, но Пекрес вели дека Париз има предност во културата и стилот на живот.
„Кога последен пат сте го одвеле партнерот на викенд во Франкфурт“, праша таа.
Мисика изјави дека Брегзит е единствената шанса за Париз.
Некои компании се обесхрабруваат од француските силни закони за заштита на работниците и строгите прописи, но Мисика вели дека Франција почнала да ги менува своите прописи.
„Овде сме да покажеме што има Париз да понуди, а исто така сме тука и да слушаме“, рече тој.
Британската конзервативна влада има намери да ги покрене двегодишните преговори за одвојување од ЕУ до 31 март, но наведуваат дека сакаат да ги задржат најблиските можни трговски врски со Унијата кога ќе излезат од неа.
Проевропските пратеници во британскиот парламент сметаат дека ќе биде невозможно да се задржат блиските врски затоа што владата инсистира на таканаречен тврд Брегзит според кој Велика Британија ги напушта единствениот пазар и царинската унија за да го запре слободното движење на луѓето од другите земји членки во Британија.
Британската премиерка Тереза Меј денес изјави дека пратениците треба да го почитуваат изборот на гласачите да ја напуштат ЕУ.
„Нашите европски партнери сега сакаат да почнат преговорите, тоа го сакам и јас, а тоа го сака и Парламентот, рече Меј.