Британската фунта падна денеска на најниско ниво во последните три месеци после најавата дека премиерката Тереза Меј ќе покрене постапка за целосно разидување на Велика Британија од Европската унија, што би можело да ја турне во потполно непознати економски води.
Фунтата денеска се менуваше под 1,2 долари.
Британската валута изгуби петина од својата вредност после референдумот за излегување на Велика Британија од ЕУ во јуни минатата година.
Меј утре во говорот би требало да се произнесе за плановите за Брегзит, а нејзината канцеларија соопшти дека ќе се залагаат за „глобална Британија“ отворена за светот.
Дел од британските медиуми наведуваат дека Меј ќе покаже подготвеност за потполно повлекување на земјата од единствениот пазар на стоки и услуги на ЕУ за да може Лондон да добие контрола над емиграцијата.
Лидерите на ЕУ наведуваат дека Велика Британија не може да го задржи пристапот на слободниот пазар без овозможување на слободно движење на луѓето, токму прашањето поради кое Британците гласаа за Брегзит.
Можноста за губењето на привилегиите за пристап на пазарот на ЕУ го вознемири огромниот финансиски сектор во Лондон на кој од големо значење му е можноста за работа без препреки во 28 членки.
Тоа исто така ги загрижи фирмите од другите делови од светот кои го користат Лондон не само како финансиски центар, туку и како врата кон ЕУ.
„Можеме да претпоставиме дека Меј ќе стави приоритет на контролата на имиграцијата и цената ќе биде излез од единствениот пазар. Тоа би можело да ја испрати фунтата уште подолу, можеби на 1,1 долар во престојната недела-две“, вели аналитичарот на пазарот од компанијата „ETX Капитал“, Нил Вилсон.
Благото заздравување на фунтата со помалку од 1,2 долари следеше откако новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, рече дека трговската спогодба меѓу САД и Велика Британија може да биде направена „многу брзо“ откако ќе влезе во Белата куќа кон крајот на оваа недела.
Британскиот министер за надворешни работи Борис Џонсон рече дека „многу добра вест“ е тоа што САД сакаат да направат добра трговска спогодба со неговата земја.
Министерот за финансии на Велика Британија, Филип Хамонд, исто така ги подгреа шпекулациите дека Лондон би можел да оди на тврди преговори со ЕУ.
Тој за германскиот весник „Вел ам зонтаг“ изјави дека се надева дека Велика Британија ќе го задржи пристапот до единствениот пазар во ЕУ, но дека е подготвена да го „промени својот економски модел за да добие на конкурентност“, ако биде отсечена од него.
Шефот на опозициските лабуристи Џереми Корбин го обвини Хамонд дека се заканува со „трговска војна со Европа“.