Вчера во Амбасадата на Црна Гора во Македонија беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Македонската филхармонија и Црногорскиот симфониски оркестар.
По потпишувањето на договорот, Црногорскиот симфониски оркестар под диригентската палка на Григориј Краско одржа концерт во Македонската филхармонија на кој како солист настапи реномираниот гитарист Горан Кривокапиќ. На концертот беа изведени свитата „Слики од изложбата“ од М. Мусоргски, Концертот за гитара и оркестар „Аранхуез“ од Х. Родриго и „Танци од Галанта“ од З. Кодај.
Црногорскиот симфониски оркестар прв пат настапил на 14 декември во 2007 година во Цетиње, и набргу стана важна алка на музичкиот живот во Црна Гора. На преку две стотини концерти во земји во светот (Италија, БиХ, Србија, Хрватска, Русија, Турска, Албанија, Франција), со нив, помеѓу останатите, настапиле видни солистички имиња како: Монсерат Кабалие, Миша Мајски, Иво Погорелиќ, Иља Гринголц, Роман Симовиц, Милош Карадаглиќ, Симон Трпчески, Стефан Миленковиќ…