Од притвор во судница-со лисици на рацете екс министерот за внатрешни и пензионираниот екс директор на БЈБ Митко Чавков беше спроведен во Кривичен за да сведочи за случајот „Тортута“. На најголем дел од прашањата на обвинителот Љубомир Лапе, тој кратко одговараше дека не се сеќава во детали за апсењето на Љубе Бошкоски во 2011 година, иако во тој период Чавков бил началник на Одделението за организирна криминал. Чавков сведочеше дека не се сеќава, ниту дали тој ја дал наредбата за приведувањето. Но и дека тој не контактирал со обвинетите Сашо Мијалков и Ивица Анчевски.
„Како началник за организиран криминал наметнав практика, секое дејство што го презема одделот, секоја информација и за секое развивање на информацијата за одредено кривично дело, да се приклучи претставник од Обвинителството за организиран криминал. Не се сеќавам дали сум учествувал во апсењето на Бошкоски, ама тврдам дека во секој случај документирано е сè. Се сеќавам дека имаше посебни истражни мерки за Љубе, ама релацијата беше истражен тим – јавен обвинител кој раководеше со истрагата“ сведочеше Чавков.
До спроведувањето во судница, Чавков не знаел дека е повикан во својство на сведок. На почетокот на рочиштето додека на записник се внесуваа неговите лични податоци, тој два пати повтори дека е Македонец, државјанин на Република Македонија, а не на Република Северна Македонија. На прашањето на обвинителот Лапе како се чувствува, рече дека се чувствува одлично. Инаку Чавков е во притвор за настаните од 27ми април.
Во „Тортура“, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и уште шестмина припадници на алфите се обвинети за нечовечно постапување и омаловажување при апсењето на Љубе Бошкоски во тогашна истрага за незаконско финансирање на изборна кампања.