Управниот одбор на поетскиот фестивал „Струшките вечери на поезијата“ одлучи годинешниот „Златен венец“ да му припадне на шеесет и деветгодишниот поет и есеист од САД, роден во Белград, Чарлс Симиќ.
„Чарлс Симиќ денес се смета за едно од водечките поетски имиња во светот кое на книжевната сцена го воведува американското поетско искуство и источноевропскиот сензибилитет, со што неговата поезија претставува ’ирониски и лаконски коментар за нашиот свет на антагонизми’. Станува збор за еден оригинален поетски глас, чија поезија се сфаќа како страсно и луцидно сведоштво на новото време, во која се среќаваат моќни асоцијации за новиот глобален план на песимизмот, за политичката неодговорност, за исчезнувањето на убавото во човекот, едноставно кажано неговата поезија се насрнува на модерната стварност и на урбаниот поединец со сите негови доблести и мани“, истакна Славе Ѓорѓо Димоски, претседател на Управниот одбор.
Читајќи го образложението за наградата, тој притоа посочи и дека Симиќ е автор на дваесеттина поетски книги и на неколку есеистички, преведуван е на многу јазици и добитник на најзначајните американски и светски награди, меѓу кои „Пулицеровата“, „Грифиновата“, наградата „Едгар Алан По“, наградата на Американската академија, наградата „Poeta Laureates“ на Конгресната библиотека во Вашингтон“.
Актерот Роберт Велјановски, освен дел од поезијата на годинешниот лауреат, го прочита и обраќањето на Симиќ, во кое тој ја изразува својата радост поради добивањето на „Златниот венец“, награда што ќе му биде врачена во август.
„Голем дел од поранешните добитници беа мои пријатели и знам колку длабоко беа почестени што ја добија оваа награда, како што сум почестен и јас денес“, посочува поетот во писмото и додава:
„Листата на вашите поранешни добитници е толку знаменита што јас не сум чул за друга поетска награда каде било во светот што може да се мери со неа. Имам убави спомени за ‘Струшките вечери на поезијата‘ од 1972 година и мојата посета на Скопје потоа, како и во една друга прилика во 1982 година.“
Одлуката да се прогласи Симиќ за лауреат на СВП за 2017 е едногласно донесена на 2 февруари годинава во Струга, на предлог на Советот за доделување на наградата „Златен венец“.