Осумдесет домашни микро, мали и средни компании добија грантови во висина од 10,5 милиони евра преку мерките од третиот столб на владиниот план за економски раст.
На повикот објавен од Фондот за иновации и технолошки развој се пријавиле 236 компании. Чековите со добиените средства ги врачија премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Ангушев и директорот на Фондот, Јован Деспотовски.
Заев истакна дека Владата не ќе прави разлика помеѓу домашните и странските компании и дека подеднакво ќе ги помага и едните и другите и оти таа останува нивен партнер и сервис во реализација на нивните планови.
„Ова нека биде позитивен пример кој ќе ги мотивира и другите компании да создаваат квалитетни проекти и да влезат во инвестиции“, рече премиерот.
Тој ги повика бизнисмените да имаат доверба во институциите чие функционирање, по добивањето на поканата за НАТО, ќе се подобрува и ќе се приближува кон европските стандарди.
„Компаниите на кои денеска им доделуваме грантови се компании кои сакаме да ги видиме извозно ориентирани, успешни во светот, компании кои ќе го поддржат економскиот развој, посочи Анѓушев.
Тој додаде дека големиот број присутни денеска покажува дека Македонија има млади иновативни луѓе.
На есен се најавува нов повик за грантови за македонски фирми.