Досега имаше неколку непотврдени најави дека iPhone 8 наредната година би можел да има читач за отпечатоци на прстите во самиот дисплеј, но Microsoft е оној кој ја патентира оваа технологија и кој веројатно прв ќе ја употреби во некој свој уред или пак уред на своите хардвер партнери од Windows сферата.
Ваквиот читач за отпечатоци не е ништо ново и Microsoft го има патентирано во септември минатата година, што од друга страна е и одлична вест за нивниот Surface Phone, на пример, или пак секој друг Surface модел од иднината, доколку технологијата е навистина подготвена за вградување во сериски модел. Всушност, ваква технологија би можела да го има „кул“ ефектот кој сигурно ќе му треба на Surface Phone кога ќе биде лансиран.
Ова значи дека корисникот ќе може да го отклучи уредот со помош на својот отпечаток само со допирање на одреден дел од дисплејот. Ова е направено со цел да има повеќе дисплеј, а помалку рамка на самиот телефон/таблет – актуелните уреди мора да имаат посебен дел каде ќе го ставите прстот за да може читачот да го прочита.
Системот инаку работи со тоа што има транспарентен филм преку дисплејот, под кој има специјален филтер кој селективно дозволува некои одбиени зраци од прстот да стигнат до него, правејќи слика од отпечатокот на прстот. Овој филм ќе овозможи и заштита на дисплејот, исто како што би овозможило и стандардното стакло на сите уреди со дисплеј на допир, што значи дека нема да додаде на дебелина на целиот уред.
Интересно, овој систем може да овозможи и скенирање на отпечатоци на дисплеи кои не се на допир, како на пример мониторот од вашиот компјутер или пак телевизорот во дневната соба, а што би можело да се искористи како заштита при купување на производи онлајн.